-Воопшто не бев известен од директорот дека ќе ми ги врати документите по пошта без да ми даде било какво образложение за моето отпуштање од работа. Сметам дека истото не е правно издржано затоа што не е почитуван Законот за работни односи ниту колективниот договор за Основно образование, изјави отпуштениот Лешоски.
Поранешниот директор пред година и пол бил разрешен од градоначалникот на Вевчани, поради прекршување на законот за основно образование, односно нанесување штета на училиштето, на учениците и родителите. Одлуката тој ја обжалил до Второстепената владина комисија за работни односи, која како што вели Лешоски, не се изјаснила за случајот, по што поранешниот директор покренал постапка пред Управниот суд, кој ја поништил одлуката на градоначалникот на Вевчани Перо Илиески. Тој беше службено отсутен, но во телефонски разговор ни изјави дека Општината до сега ја нема добиено одлуката на Управниот суд и дека на сила остануваат донесените решенија. Одлуката на Управниот суд не стигнала ниту до директорот на основното училиште, кој спротивно од Лешоски, тврди дека Второстепената владина комисија за работни односи се изјаснила за разрешувањето на поранешниот директор.
– По одлуката на градоначалникот на Вевчани за разрешување на поранешниот директор се произнесе Второстепената комисија за работни односи при Владата. Врз основа на тоа решение кое што го добив, јас како директор постапив соодветно и на 3.3. 2011 г-нот Жарко Лешоски е разрешен бидејќи во нашето училиште бил именуван само како директор во 2003 година од тогашниот министер за образование Азис Положани.-истакна Марјан Костојчиноски, директор на ОУ „Страшо Пинџур“.
За цело време додека траела жалбената и судската постапка, разрешениот директор, инаку професор по географија не бил вклучен во наставниот процес, затоа што според раководството на училиштето тој немал склучено работен однос во Вевчани, туку во ОУ „Гоце Делчев“ во Јабланица, каде тој треба да бара да биде вратен на работа. За Лешоски, инаку член на СДСМ, целиот случај е политичка конструкција на ВМРО ДПМНЕ, која како што посочи, била смислена и организирана преку социјалната мрежа „Фејсбук“ од каде тој ги симнал разговорите на политичките опоненти кои се однесуваат на неговото разрешување од функцијата.