Политички мјузикл, современа претстава, полна со слики од реалноста, болки и ситуации во кои ќе се препознаат луѓето, вака режисерот Софија Ристеска ја опишува претставата ” Европа”, чија претпремиера е закажана за утревечер.


– ” Европа” е еден специфичен проект, кој во основа е направен според текстот на современиот англиски автор Дејвид Грег, но при тоа е користен колаж од текстови на Горан Стефаноски, Рене Полеш, Ева Енслер, кои говорат за две основни теми- нашата желба да одиме во Европа, проблемите со кои се соочуваме и размислувањата како да го смениме сопствениот менталитет за Европа да пристигне во нашите домови, вели режисерот Ристеска.
 
Во претставата се користи музика која воедно е коментар на суровите ситуации за кои се говори. Актерите говорат и за свои лични проблеми, па според тоа не станува збор за класичен театар или класичен расказ, потенцира Ристеска.


– Во претставата игра целата актерска екипа од охридскиот Градски театар, сите дипломирани актери кои овојпат се дел од претставата која ќе предизвика различни чувства кај публиката и за која уште долго ќе се говори, вели актерот Горан Стојаноски. Како што истакнуваат актерите,  предизвик е да се работи со режисер кој ги прати новите трендови во театарот и режисер кој е отворен за експерименти.

Улогите во „Европа“  ги толкуваат: Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ, Билјана Билаловиќ и Стрезо Стаматоски.


Предпремиерата на претставата е утревечер, а цената на билетот ќе биде 100 денари. За премиерата кој ќе се одржи на 17-ти декември, билетите ќе се продаваат по цена од 200 денари, а првата реприза е на 18-ти декември, по цена од 150 денари.

Сите претстави почнуваат во 20 часот во малата сала при Центарот за култура ” Григор Прличев”.

Т. К.