Човековите права, меѓусебното зближување на граѓаните, градењето добри односи со соседните земји, спречување на трговијата со луѓе и тероризмот- се само дел од заложбите на Регионалниот огранок на Меѓународното здружение Политички балкански форум, кој со својата работа во Охрид започна во месец јуни годинава.


– Во вакви тешки економски услови граѓаните треба да се обединуваат, а не  да се разединуваат во своите ставови, затоа што само со заеднички напори може да се успее и стопанството да оди напред и да се развива. Ние како регионален огранок на здружението, се залагаме и за подобро функционирање на правните институции во Македонија. Сметаме дека националниот идентитет треба да се брани согласно законот и Уставот, а ние како меѓународно здружение ќе вложиме максимални напори и за решавање на спорот со името помеѓу Грција и Македонија, вели директорот на регионалниот огранок на здружението, Есад Аслани.  

Во однос на претстојниот попис на население, Аслани потенцира дека тој треба непречено да се спроведе низ целата земја, а доколку има некакви забелешки по неговото завршување тие да се решат согласно законските прописи.

Седиштето на Политичкиот Балкански форум е во Солун- Грција, а регионални ограноци отворени се уште во Албанија и Македонија. Предвидено е проширување на бројот на ограноци и во останатите земји во регионот.

OhridNews