Билатералните односи помеѓу Република Македонија и Република Латвија се одлични, а во иднина ќе се работи на интензивирање и на соработката на економски план, како и во областа на образованието и културата. Ова е заклучокот по денес одржаната средба во Охрид на министрите за надворешни работи на двете држави, Никола Попоски и Едгарс Ринкевичс. Како што истакна Ринкевичс , договорено е и изготвување Меморандум за соработка меѓу МНР на двете држави, што ќе биде од особена важност во периодот кога Латвија ќе го преземе претседавањето со Европската унија.
Министерот Ринкевичс потенцира дека нема да има одлука за проширување на НАТО на престојниот Самит во Кардиф, но дека во однос на Република Македонија постои одлука, но која е условена од решавањето на прашањето за името.
Шефот на македонската дипломатија потсети дека Латвија, која ги подржува евроатлантските аспирации на Република Македонија, во првата половина од наредната година ќе претседава со Европската унија, што е многу значаен период за Македонија бидејќи во тој период со доаѓањето на новата Комисија на ЕУ ќе се носат значајни одлуки на ниво на Унијата.
– Иако проширувањето нема да биде најважно прашање на агендата на новата Комисија, туку пред се економските теми, за нас ќе биде значен извештајот за напредокот од декември, рече Попоски.
Попоски посочи дека Атина нема никаква намера сериозно да се занимава со активности за надминување на недоразбирањата околу името, но дека целта е во овие 12 месеци да се направи што е можно повеќе во однос на реформите, што ќе се реализира со италијанското и со латвиското претседателство.
– Ќе работиме да направиме што е можно повеќе видливи реформи во битните политички сегменти, за да го олесниме процесот на преговори по нивното отпочнување, истакна Попоски.
По однос зачленувањето во НАТО, министерот Попоски повтори дека Македонија нема никакви очекувања за можни какви било отстапки од познатите ставови на Атина, односно поставеното вето оценето за налегитимно од страна на Меѓународниот суд на правдата.
Министерот за надворешни работи на Латвија во текот на денот оствари средби и со претседателот на Владата Никола Груевски и со претседателот Ѓорѓе Иванов.
OhridNews