Охридскиот народен театар синоќа во Центарот за култура премиерно ја изведе претставата „Полицајци“, работена според  текст на полскиот автор Славомир Мрожек, а во режија на Андреј Цветаноски.


Претставата говори за апсурдноста на системот кој цели кон создавање еден утописки совршен свет во кој сите се среќни и сите исто мислат, се уништува и човекот и неговата субјективност и можноста за размислување на сопствен начин и за сопствени теми. 


Иако работена пред повеќе од половина век во систем на едноумие, „Полицајци“ е актуелна претстава испреплетена со доза на хумор и силни пораки.


Во претставата играат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Стрезо Стаматоски, Ивица Цонев, Адријана Билаловиќ, гостинот од Тетарот на комедијата од Скопје Валентин Костадиноски, како и Никола Ристески, Игор Георгиески, Владимир Ристески и Катерина Петреска, членови на драмската секција при охридската гимназија „Свети Климент Охридски“, кои извонредно се вклопија во проектот, со кој Народниот театар од Охрид покажа сериозна зрелост и го потврди големиот потенцијал.


Охридската публика ја награди извонредната претстава со долготраен аплауз, а актерската екипа и режисерот Цветаноски успехот на сцената го залија со шампањско.



Претставата „Полицајци“ е прва премиера на охридски театар во 2012 година и прва од трилогијата „Плеј Мрожек“ што ќе биде на годинешниот репертоар на театарот.
Г. Момироски