,,Полицајци”, чија премиера се одржа на 21 април 2012 година во Охрид предизвика голем интерес кај охридската публика. Режисерската замисла на оваа претстава која ја напишал полскиот писател Славомир Мрожек, е дело на младиот режисер Андреј Цветаноски, кој имаше чест по трет пат да режира претстава во Охрид.
Цветаноски пред официјалната премиера на преставата изјави дека заедно со актерската екипа, успеале да создадат сопствена приказна за едно судење, во кое владетелот на државата ги суди и ги испрашува сите ликови.
-Всушност целата драма служи како реконструкција на настанот на самиот случај во судот. Претставата зборува за објективитетот за создавањето на едноумие. За да се создаде еден утописки совршен свет во кој сите се среќни и сите исто мислат, се уништува и човекот и неговата субјективност и можноста за размислување на сопствен начин и за сопствени теми. Публиката ќе може да очекува една игра во која има комични и трагични моменти од животот и во која главната порака е тоа дека вистината не може да биде објективна и висината секогаш е субјективн, појасни Цветаноски. Тој нагласи дека очекува наскоро Охридскиот теaтар да прерасне во еден од водечките театри во Македонија.
Во претставата ,,Полицајци” играат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Стрезо Стаматоски, Ивица Цонев, Адријана Билаловиќ, од Охридскиот Театар и Валентин Костадиноски како гостин од Тетар Комедија од Скопје. Во хорот во претставата, како аматери се вкучени и четворица охридски средношколци.
Фестивалската завеса на „Војдан Чернодрински“, вчера ја подигнаа актерите на Македонскиот народен театар со „Свадбата на Фигаро“ од Бомарше, во режија Левен Цуладзе.
Битолскиот театар ќе конкурира со „Вишновата градина” од Чехов во режија на Ѕвездана Ангеловска. Прилепскиот театар ја игра „Калигула” од Албер Ками во режија на Зоја Бузалковска, Драмски театар-Скопје ќе настапи со „Генетика на кучињата” од Венко Андоновски во режија на Дејан Пројковски. Турскиот театар-Скопје ќе настапи со „Шехерезада и Шахрајар” во режија на Дејан Дамјановски додека пак Албанскиот театар-Скопје со „Змеј” од Евгени Шварц во режија на Шкипе Н. Дука.
Велешките актери ќе го покажат „Онегин” од Пушкин во режија на Ѕвездана Ангеловска, а тетовци ќе се претстават „Со тупаница на ножот” од Аугусто Боал во режија на Сулејман Рушити.
Штипскиот театар ќе ја одигра претставата „Парите се отепувачка” од Ристо Крле во режија на Александар Ивановски,а Струмичкиот театар „Сексуални нервози” од Лукас Берфус во режија на Александра Кардалевска . На фестивалот ќе настапи и Кумановскиот театар со „Околиска болница” од Христо Бојчев во режија на Јане Спасиќ.
Минатата година наградата Гран-при на фестивалот „Војдан Чернодрински“ ја освои претставата „Хамлет“ на Драмски театар од Скопје.