Полицајци од соседните држави ќе го обезбедуваат редот и мирот во Охрид за време на туристичката сезона.

Имено на конференцијата на министрите за внатешни работи на земјите од т.н. “Салцбургшки Форум“ што се одржува во Софија, Р. Бугарија, министерката за внатрешни работи на Република Македонија, Гордана Јанкулоска предложила во склоп на полициската соработка со Црна Гора и Бугарија, за време на туристичката сезона македонски полицајци да бидат присутни во туристичките центри во овие земји а напоредно и полицајци од Црна Гора и Бугарија да бидат присутни во нашите туристички центри при што овие полициски службеници би имале одредени ингеренции во областите на јавниот ред и мир и сообраќајот.

Првично било  договорено македонските полициски службеници да извршуваат задачи во познатиот скијачки центар Банско во Бугарија во зимскиот период и на приморјето во текот на летото, додека странските полициски службеници би биле присутни во нашите туристички центри Охрид, Маврово, Попова Шапка, но и на други места доколку се јави потреба.

Како што информираат од МВР,  ваква иницијатива била доставена и до полициите на Турција и Србија, а ќе биде упатена и до министерството за внатрешни работи на соседна Грција.

Министерката Јанкулоска исто така предложила во рамки на договорот за полициска соработка со српското МВР, да биде опфатена и можноста наши полицајци да учествуваат во обезбедувањето на Европското првенство во ракомет што треба да се одржи во Србија, односно да бидат застапени во Ниш каде што ќе се натпреварува македонската ракометна репрезентација, што наишло на прифаќање од страна на спрскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

OhridNews