СВР Охрид побара од Општина Охрид отстранување на металните рампи и бетонски конструкции  со кои се регулира паркирањето во центарот на градот, со образложение дека истите го отежнуваат одвивањето на сообраќајот. Барањето се однесува на рампата на пресекот на улицата „Македонски Просветители“ со „Партизанска“, рампата на ул. „Коста Абраш“ кај Капетанијата и рампата на улицата „Ванчо Никосески кај Студенсткиот дом.

Од полицијата информираат дека добиле бројни поплаки кои се однесуваат на ограничување на движењето и селекција на возила, особено на такси превозниците од страна на концесионерот на паркинзите, а реакции имало и од странски делегации кои се пожалиле на отежнатото движење во центарот на Охрид.

Градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески,  информираше дека општината го добила барањето од полицијата и дека ќе постапи по истото.

-Нашите инспектори добија налог за отстранување на рампите од паркингот во центарот на Охрид и очекувам деновиве да биде спроведена таа одлuка, изјави градоначалникот Петрески.

Во врска со проблемот со таксистите, Петрески објанува дека согласно важечките одлуки на Советот, не постои станица за такси превозници кај кружниот тек во центарот на Охрид и дека е пропуст на полицијата и општинскиот инспекторат што не ги санкционирале такси превозниците кои до сега ги прекршувале прописите. За да се избегнат слични проблеми, општината веќе на наредната седница на Советот ќе покрене иницијатива со која ќе се предвиди такси станица  во строгиот центар на Охрид, која според најавите на градоначалникот ќе биде во близина на споменикот на Св. Кирил и Методиј.

Петрески признава дека постоечкиот систем на управување со паркинзите има бројни аномалии, и најави дека општината ќе пристапи кон негова измена.

Планираме да распишеме оглас за нова концесија, со што сите аномалии кои се јавија во овој период ќе ги ставиме како услов, за да не ни се јавуваат повторно истите проблеми. Итсо така ќе гледаме да се решат одредени проблеми со паркирањето на станарите од трите кули во центарот на градот кои нема каде да паркираат. Дел од паркингот кај Ривиера ќе се изземе од концесија затоа што тој простор им е вратен на сопствениците, додаде Петрески.

За да се реализира ова општината  претходно ќе мора да го раскине договорот со сегашните концесионери, посочува Петрески.

-Тој договор сигурно ќе го раскиниме, се предвидува нов посифистициран начин на наплата на паркирнг со зонирање и смс пораки и нема да има рампи, рече Петрески.

По бројните поплаки за висината на цената на паркирањето, општината најавува дека во договорот со идниот концесионер ќе бидат вметнати клаузули со кои ќе се предвидат различни цени на паркирање во зависност од зоните предвидени за таа намена.

За овие и други проблеми во режимот на сообраќај, според најавите на Петрески, ќе се расправа на седницата на Советот на општина Охрид, што ќе се одржи идната недела.

OhridNews