Како што информираат од СВР- Охрид, викендов биле реализирани интензивни акциски контроли низ угостителските објекти и зајакнати мерки во сообраќајот, како и активности за пронаоѓање на лица сторители на казнените дела кражби.

– Акциските контроли беа насочени кон  сите угостителски објекти со цел превенирање на нарушувања на јавниот ред и мир. Согласно своите законски овластувања, беа извршени легитимирања и преглед на повеќе лица во угостителските објекти, посебно во оние каде изминатиов период беа случени нарушувања со тепачки и пукање од огнено оружје, велат од СВР.

Притоа, во еден од кафе баровите констатиран бил еден прекршок по законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Од кабаре биле приведени две лица кои во алкохолизирана состојба започнале да викаат и тропаат по масите и вербална расправија со обезбедувањето.

Во контрола на сообраќајната полиција, од сообраќај исклучени биле пет лица кои, под дејство на алкохол управувале моторно возило. Регистрирани биле и други непочитувања на одредбите на законот за безбедност во сообраќајот, како бесправно управување со моторно возило, управување нерегистрирано возило, , управување по истек на важност на сообраќајната дозвола.

Во населбата „Св.Стефан„ во објектот на специјалната детска болница затекнати биле две лица кои, со намера за бесправно одземање,од зидот на приземна просторија, демонтирале 80 литарски бојлер. Истите се приведени и одземен им е алатот со кој го извршиле демонтирањето.

На 27-ми овој месец, околу 03 часот и 15 минути, во близина на Косел, затекнати биле две лица кои управувајќи товарно возило, без документација превезувале три метри просторни огревно и нежигосано дабово дрво. Истите се одземени и предадени на шумската полиција.

– Ваквите и слични активности ќе продолжат со што ќе ја покажеме нашата цврста определба во спроведувањето на полициските овластувања и постигнувањето на подобра безбедносна состојба во Охрид, но и во заложбите за подигнување на степенот на безбедносната култура кај граѓаните, потенцираат од СВР- Охрид.

OhridNews