
„На 06.06.2018 година во 13,00 часот во Полициската станица од Струга Ѓ.И.(65) и З.Р.(38), двајцата од Скопје, (вработени во Државниот просветен инспекторат) пријавиле дека истиот ден околу 11,00 часот во просториите на Меѓународниот Универзитет во Струга врз основа на задолжение од директорот на Државен просветен инспекторат, требало да извршат вонреден инспекциски надзор. При нивното влегување во просторите на универзитетот, биле пречекани од одговорното лице А.К. кој, откако му биле покажани службените легитимации и задолжението за надзор, на инспекторите веднаш им се обратил на висок тон и со навредливи и заканувачки зборови. Истиот, го зел задолжението за вонреден надзор кое му било покажано и на Г.Р. (вработен во универзитетот) и го фрлил и побарал од државните просветни инспектори да го напуштат универзитетот.
По целосното расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.“ – соопшти МВР.
Како што веќе информиравме, на просветните инспектори Ѓорѓи Илиески и Зоран Ристевски, иако тие уредно се легитимирале и покажале налог од Државниот просветен инспекторат и второстепената комисија за образование, одговорното лице на Меѓународниот универзитет во Струга не им дозволило да ја вршат својата работа.
-Не ни беше овозможено на Меѓународниот универзитет во Струга од страна на одговорното лице Арбен Кадриу да се изврши инспекцискиот надзор за да се констатираат проблемите кои таму ги има повеќе од 2-3 години. – изјави Ѓорѓи Илиески, виш просветен инспекор.
Илиески и Ристевски рекоа дека биле вербално нападнати од одговорното лице на универзитетот, поради што случајот го пријавиле во полицијата и во јавното обвинителство.
Просветните инспектори тврдат дека ова не е прв пат да не им биде овозможено да извршат надзор во оваа високообразовна институција каде, како што тврдат, се сомнителни многу дипломи, вклучително и на актуелни политичари, за што тие ќе ги информираат сите надлежни институции, вклучително и владата, претседателот на државата, народниот правобранител и дипломатските претставништва.
Од Меѓународниот универзитет засега нема реакција за инцидентот.
OhridNews












