Полицијата ќе ги засили контролите на туристичките агенции, со цел да се казнат оние кои организираат групи за нелегална миграција во западноевропските земји, јавува „Макфакс“.

Формирани се тимови во кои учествуваат инспекциските служби и службеници од МВР и овие тимови се надлежни да направат контрола на сите туристички агенции, вклучително и агенциите кои се наоѓаат во Шуто Оризари.

„Во секоја агенција каде што ќе се откријат било какви аномалии во нивното работење ќе реагираме безмилосно. Токму во Шуто Оризари според последните контроли на пазарната инспекција веќе се казнети одредени агенции за кои не постои сериозен доказ дека ги организирале и ги изманипулирале лицата кои барале да патуваат, меѓутоа откриени се одредени пропусти во нивното работење и изречени се сериозни парични казни во висина од над 10.000 евра“ рече Јанкулоска, одговарајќи на новинарско прашање, зошто не се санкционираат агенциите во Шуто Оризари, за кои постојат сомневања дека организираат нелегални патувања.

Најавите за засилен инспекциски надзор доаѓаат по заканите на официјален Брисел дека ќе ја преиспита одлуката за визна либерализација за земјите од Западен Балкан поради големиот број барања за азил во земјите од ЕУ. Мисијата на Европската Комисија во јуни ќе ги соопшти заклучоците за спроведувањето на визната либерализација од страна на Македонија, по што ќе се знае дали ќе се превземаат мерки во врска со ова прашање, најави евроамбасадорот Петер Соренсен.

„Засега не можам да коментирам. Има набљудувачка мисија која ја проценува состојбата овде и во целиот регион. Не сакаме да излегуваме со никакви заклучоци пред да видиме што тие ќе кажат. Колку што знам, во јуни ќе го завршат својот извештај и тогаш ќе се навратиме на ова прашање“, изјави Соренсен.

 Преставници од Европската Унија веќе предупредија дека Комисијата може да превземе одредени мерки против Македонија и Србија поради бранот лажни азиланти што се појави по укинувањето на визите, за влез во земјите од Шенгенскиот договор.

OhridNews
извор: „Макфакс“