Масовната тепачка што се случи пред два дена во Струга, во која учествуваа ученици од средните училишта „Д-р Ибраим Темо“ во Струга и ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид, е изолиран инцидент, смета полицијата. Таа вчера поднесе девет прекршочни пријави против учесниците во тепачката, на која и претходела жестока вербална расправија на автобуска станица во Струга.

За инцидентот во кој две лица биле полесно повредени полицијата ги известила родителите на малолетниците, како и одговорните во училиштата во Струга и Охрид, кои не излегоа со став во јавноста, иако во немилиот настан инволвирани се нивни ученици.

СВР Охрид најави дека ќе бидат преземени превентивни мерки за спречување на евентуални нови инциденти, а во соработка со училиштата, учениците и Советите на родители ќе се работи на заеднички проекти за зближување на младите од различните етнички заедници, што според одговорните ќе придонесе за елиминирање на меѓусебната нетрпеливост, што се смета за една од главните причини за тепачките помеѓу средношколците.

-Последниот случај не треба да се поврзува со поранешните инциденти во Струга, бидејќи со заедничко залагање на сите чинители отстранети се причините за таквите појави, но ние ќе продолжиме со превентивни активности, како и со контакти со учениците, педагозите и психолозите, а посебно внимание на оваа тема ќе се посвети на средбите на советодавните групи на граѓани, истакна Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Јавноста во Охрид и Струга го осуди завчерашниот инцидент и побара поголемо залагање од родителите и надлежните институции со цел да се спречат девијантните појави помеѓу младите.

OhridNews