Поради непочитувањето на одредбите од законот за безбедност во патниот сообракај, СВР Охрид презеде интензивни акции и системски контроли на возилата, возачите, патниците и товарот во возилата.


Полициските службеници од Станицата за безбедност на патниот сообракај Охрид, деновиве преземаат мерки за контрола на техничката исправност и опременост на возилата, за важноста на нивната регистрација и останатата документација,  контрола над лицата и товарот кои се превезуваат во возилата. Со посебен мерен инструмент „Лајт-метар“ се врши контрола над провидноста на стакла и поставеност на авто-фолии. Мерки се преземаат и кон оние деловни субјекти кои бесправно поставуваат физички препреки на паркинг простори пред своите објекти, информираат од СВР Охрид.


 
Во акцијата биле вклучени и претставници на министерството за економија кои вршеле контрола дали се користи екстра лесно гориво во моторните возила, а општинската комунална инспекција ја контолирала продажбата на индустриски производи на јавна и сообраќајна површина, а биле преземени и мерки согласно законот за јавна чистота.


    
Во однос на констатираните неисправности, изречени се 19 покани за наплата на глоба, 9 налози за наплата на глоба, затекнати се 2 возила со затемнети стакла, 5 возила се упатени на вонреден технички преглед, 3 возачи се исклучени од сообраќај а 5 такси возила немале одобрение за дејност. Од јавните површини, отстранети се тезгите со производи и издадени се 3 покани за наплата на глоба, соопшти полицијата.
    
Сите овие мерки беа преземени по неколкудневно регистрирање на ваквите состојби и предупредување на лицата за констатирани недоследности и пропусти, посочуваат од СВР Охрид.

OhridNews