Вкупно 79 парчиња петарди запленила охридската полиција во организираните контроли изминатиот викенд. Петардите биле пронајдени кај лице од Охрид, а против него e поднесена соодветна прекшочна пријава.
-Поради можноста од употреба на петарди и други пиротехнички средства, кои во земјава се забранети за употреба, во пресрет на новогодишните празници, СВР Охрид,  презема засилени контроли врз правни и физички лица, на пазари, во продавници и на други јавни места, каде ќе се забележи обид за нелегална продажба, велат од СВР Охрид.

Од таму упатувата апел до граѓаните да се воздржат од било каква употреба на оружје и пиротехнички средства за време на Новогодишните и Божиќните празници.

-Согласно законот за заштита од експлозивни материи, пиротехнички производи се средства што се употребуваат за огномети, како и предмети што содржат прскави состојки кои со дејство на експлозив или други состојки служат за постигнување ефекти на оган, чад,светлина и пукање и се класифицирани како експлозивни материи. Во согласност со истиот закон, промет со експлозивни материи можат да вршат трговски друштва кои се регистрирани за таква дејност во централниот регистар на РМ  и имаат одобрение за дејноста од МВР на РМ, нагласуваат од полицијата.

Од таму додаваат дека неовластеното ракување и употреба на пиротехничките производи, ќе бидат санкционирани во согласност со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

OhridNews