Околу 3:45 часот, утрово,  во Охрид е убиена 24-годишната Анита Танеска. Според првичните информации, Танеска била убиена со повеќе убоди од нож, пред домот на нејзините родители на улицата „Лазо Трпоски“.  

СВР Охрид според првичните оперативни сознанија како главен осомничен за делото го посочува нејзиниот сопруг Зоран Танески роден 1976, со постојано место на живеење во село Оровник.

Веднаш по настанот, СВР Охрид презеде широки оперативно-тактички мерки за пронаоѓање на предметот и лицето за кое се има основи на сомнение дека е можен сторител на кривичното дело при што во непосредна близина на селото Оровник пронајдено е патничко моторно возило марка „БМВ“ со Охридски регистарски таблички за кое се верува дека го управувал сопругот на убиената, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. 

 

Тој посочи дека истрагата која е во тек, треба да ги утврди и останатите детали со цел целосно расчистување на овој трагичен настан. Тим од полициски службеници, работаат на пронаоѓање на лицето за кое се има основи на сомнение дека е можен сторител на кривичното дело, додаде Димоски. 

 

Сега починатата Танеска била во брак со осомничениот помалку од две години, со кого имала деветмесечно дете.

Неофицијално, двојката имала брачни несогласувања, поради кои Танеска се вратила кај нејзините родители. Осомничениот утрово ја пречекал Танеска која се враќала од семејна веселба и ја усмртил со повеќе убоди од нож во пределот на главата, градите и стомакот. По наредба на истражен судија телото на убиената е предадено на обдукција.

Ohridnews