Министерството за внатрешни работи од утрово спроведува полициска акција во кумановско Ваксинце, селото за кое медиумите и претходно пишуваа дека има огромен број мигранти и дека токму таму оперира голема криминална група.
Според првичните информации, во селото биле затекнати стотина имигранти, а дел од нив биле сместени во куќите во селото. Од Министерството повеќе информации најавуваат во текот на денот.
Акцијата следува по информациите објавени на британската телевизија Chanel 4 News која објави прилог во којшто известува дека организирана криминална група оперира во Македонија и секојдневно киднапира мигранти и ги држи како заробеници, барајќи им да платат откуп.
Криминалните активности ги раководел човек кој сите го знаеле како Алибаба, кој бил Авганистанец, но кој соработувал и со криминални групи во Македонија, и се фалел дека ја потплаќал и македонската полиција, па затоа никој не можел да им помогне на мигрантите.
„Можеби се наоѓаат во Европа, ама ова е територија на авганистанските шверцери и голем број шверцери на луѓе преговараат со мигрантите за да ги однесат кон Западна Европа. Шверцерите се вооружени со мачети за да се заштитат себеси и нивниот плен од криминалните банди што демнеат низ шумите и им ги земаат мобилните телефони и парите во кеш”, се вели во репортажата објавена на британската телевизија.
OhridNews
извор Макфакс