Според најновите податоци на Центарот за вработување, во јануари 2013, евидентирани се над 8000 невработени лица од кои повеќе од половината, околу 5000  се со ниски квалификации или без квалификации. Со средно образование невработени се 2100 граѓани, со вишо 300, високо образование 1100, а за вработување чекаат и 40 магистри и 5 доктори на науки.

Споредено со јануари 2012, евидентно е стагнирање на бројот на невработени лица, но за разлика од 2007 година кога бројот на невработени во Охрид изнесуваше 12.500, сега се бележи значително намалување на нивниот број.

–    Причините за ваквиот тренд се воведувањето на електронскиот систем на евиденција,  измените од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, со кои статусот за невработеност не е услов за оставрување на правото за здравствено осигурување, а причина се и бројните мерки и активности на центарот насочени кон намалување на невработеноста, вели директорот на охридскиот Центар за вработување, Јован Баткоски.

Согласно измените и дополнувањата на законот за вработување, кои стапија на сила на 21 декември 2012, во тек е пререгистрација на невработените лица.

Оние кои ќе се пријават за активно вработување ќе треба да се пријавуваат во центарот на секои 30 дена, додека пак оние кои само ќе се евидентираат во центарот, имаат обврска да се пријавуваат на секои 6 месеци.

При пријавувањето треба да поседуваат биометриска лична карта за идентификација и доказ за завршеното образование.  

Т.К.