Дипломирани економисти, правници, некогашни текстилни работници- продаваат зеленчук и овошје на тезгите во охридскиот пазар.  Голем број од нив во минатото биле вработени во некогашните компании- гиганти, охридските фирми ЕМО, Отекс, Братство, Лихнида.


Судбината сакала и покрај тоа што бев успешен студент на економскиот факултет во Скопје, сега да продавам на пазар- и кога е ладно како деновиве кога едвај се издржува со часови на студот, но и кога е премногу топло во лето. Децата си бараат, не прашуваат од каде ќе се најдат пари да се купи леб. Секако, не се срамам што сега на тезга заработувам за леб, но тешко ми паѓа кога луѓето не можат да ме препознаат вака неугледно облечена, завиткана со шалови и дебели стари јакни, додава нашата соговорничка која излезот од невработеноста го побарала на градскиот пазар.


Според последните официјални податоци на Агенцијата за вработување, во Охрид и охридско има 10214 невработени лица. Од тоа 8093 се во градот, а 2121 невработено лице има во руралните средини. Меѓу невработени има 1076 лица со високо образование, 19 магистри и двајца доктори на науки.

Т. Кувенџиска