Градоначалникот на полскиот град Гдањск изрази незадоволство од ждрепката за Европското првенство кое следното лето ќе се одржи во Полска и Украина.

Мациеј Лисицки, првиот човек на Гдањск, е разочаран што неговиот град ќе ги нагости репрезентациите од Ц групата: Шпанија, Италија, Хрватска и Република Ирска.

„Разочарани сме. Ние се надевавме дека ќе добиеме поинаква група. Репрезентациите кои ќе играат во Гдањск нема да привлечат број на навивачи кои би дошле да ги гледаат Холандија, Германија, Англија, Данска или Шведска. Доколку една од овие репрезентации играше овде можеби навивачите ќе беа позадоволни“, рече Лисицки.

Според него граѓаните, од најголемиот спортски настан во поновата историја во неговата земја, нема да можат да профитираат, пред се, бидејќи Ирците и Италијанците се погодени од економската криза.

Расположението на Лисицки може да порасне во четвртфиналето, Гдањск ќе биде домаќин на натпреварот помеѓу првопласираната репрезентација од Б групата (Холандија, Данска, Германија и Португалија) и второпласираната селекција од А групата (Полска, Русија, Грција и Чешка)

“Макфакс“
Ohridnews