Почесниот конзулат на Република Полска чие седиште е во Охрид, значително ќе придонесе за зацврстување на повеќедецениското македонско-полско пријателство. Ова беше истакнато на денешната свеченост која се одржа во Скопје и на која официјално беше претставен почесниот конзул на Република Полска во Охрид, Коста Костовски.

-Секој од нас може да даде свој придонес во градењето на пријателските односи помеѓу двете земји. Јас сум човек од бизнисот, а во тој свет човечкиот капитал и меѓучовечките односи се нешто незаменливо. Но и содржината во односите помеѓу државите исто така ја даваат луѓето, без разлика дали се од бизнисот, науката, културата и медиумите. Со таква верба и ентузијазам до сега давав и ќе можам да дадам во јакнењето на пријателствата помеѓу Република Македонија и Република Полска, истакнал Костовски пред присутните на свеченоста.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, посебно се заблагодарил на континуираната и принципиелна полска поддршка за македонските европски и евроатлантски интеграции, а ја издвоил и потребата за подобро искористување на економските потенцијали на двете земји, заради натамошно унапредување на економската соработка.

-Во наредниот период треба да се обидеме што е можно подобро да ги искористиме економските потенцијали на нашите две земји и дополнително да ги зајакнеме економските врски и соработка. Искрено верувам дека почесниот конзулат и почесниот конзул ќе биде активен и ќе даде дополнителен придонес токму на овој план, потенцирал Попоски.

На свеченоста по повод официјалното назначување на почесниот конзул учествувале високи полски гости, државниот потсекретар во полското Министерство за надворешни работи, Артур Новак-Фар и државниот потсекретар во полското министерство за инфраструктура и развој, Марчин Кубиак.

OhridNews