Во мрестилиштето во с.Шум во Струга, кое е дел од Институтот за сточарство од Скопје, за време на уловот на пастрмка за потребите на вештачкиот мрсет, што се спроведе од 21. јануари до 21. февруари оваа година, собрани се 670 000 зрна икра.

Годинава за разлика од минатогодишниот вештачки мрест собрано е повеќе икра, а уловена е помала количина охридска пастрмка, информираат од мрестилиштето Шум, од каде објаснуваат дека зголемувањето на бројот на собрана икра се должи на поголема застапеност на женски единки во уловот.


За изловот на матици за време на мрестот, кои по молзењето се враќаат во езерото, беа ангажирани 57 рибари од селата Радожда, Калишта и од Струга. После молзењето на матиците оплодената икра се транспортираше до мрестилиштето во с.Шум каде се чува во специјални инкубатори.  Во моментот во мрестилиштето е во тек третата фаза – инкубација на икрата и подготовка на личинките за прихрана.


Вештачкиот мрест на Охридската пастрмка преку Програмата за порибување на риболовното подрачје Охридско Езеро, финансиски  е поддржан од Владата на Република Македонија преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

OhridNews