Законот за легализација на дивоградбите, донесен за прв пат пред една деценија како неопходен за решавање на повеќе деценискиот проблем во земјата, наместо тоа отвори „невидлив“ простор за (зло)употреби во цели кои не соодветствуваат со намерата за која тој беше донесен. Во меѓувреме, законот во повеќе наврати беше дополнуван, изменуван и секако продолжуван, а нова, дополнета верзија беше промовирана и на почетокот од оваа година, од се’ уште актуелната влада.

Тоа предизвика лавина реакции во јавноста, обичната и стручната. Најгласна беше Државната комисија за спречување на корупцијата – ДКСК, која побара да се повлече тогаш Предлог законот за легализација на бесправно изградените објекти. ДКСК предложи најпрвин да се направи попис и категоризација на дивоградбите за да се утврди нивниот точен број, па потоа да се изработи ново законско решение во кое точно ќе се прецизира кој и каков објект, како и каде и под кој услови ќе може да се легализира.

Законот не беше потпишан од Претседателот, по што тој се врати во Собраниска процедура

На ова уследи реакција директно од премиерот, кој тврдеше дека Законот за легализација е неопходност, оти ако не се донесе, службите треба веднаш да тргнат да рушат преку 50 илјади домови на граѓаните.

Ова е последно носење закон со конечна цел, да заврши бесправното градење од независноста на државата, па дури и претходно, за време на поранешна Југославија. Единствената порака што треба да се испрати е дека не се исплаќа да се гради на диво. – посочи тогаш Заев.

Колкав е проблемот со дивоградбите и колку тој се уште е актуелен говори фактот што на една од своите први седници новиот Совет на град Охрид даде зелено светло за 100 предмети за легализација на бесправно изградени објекти. Според најавите на локалната администрација дополнителен број се во постапка и истите ќе бидат доставувани тековно до советот, онака како што ќе се решаваат.

Што мислат граѓаните? 

Постојаното пролонгирање на Законот за легализација на дивоградбите според граѓаните на Охрид не е добро. На тоа укажуваат резултатиуте од повеќемесечната анкета што за свои потреби ја реализира OhridNews. Oд вкупно 4378 читатели кои учествувале во анкетата, на прашањето: „Дали постојаното пролонгирање на законските рокови за легализација на бесправно изградени објекти е добро?“ – високи 75%, или 3270 лица одговориле негативно, додека 15% или 1108 лица сметаат дека тоа е добро.

Цела држава дивоградби, Охрид под лупа

Проблемот со дивоградбите е присутен во сите општини во државата, но Охрид се најде во центарот на вниманието поради проблемите со УНЕСКО и извештајот на Реактивната комисија која како еден од најголемите проблеми на заштитеното светско културно и природно наследство ги посочи токму дивоградбите.

Претходната локална самоуправа по долги години тактизирање на претходните локални власти, го скрши мразот и отпочна со делумно уривање на бесправно изградените објекти, согласно утврдената динамика и, како што беше посочено тогаш, финансиските можности. И тогаш, а и потоа, локалните власти укажуваа дека новиот закон за легализација на дивоградбите не се однесува на заштитените подрачја на Охрид и дека отстапување од обврските кои градот и државата ги презедоа од УНЕСКО не смее да има.

Потврда за тоа пристигна и од новата локална самоуправа, која во неколку наврати истакна дека зачувувањето на статусот на Охрид во УНЕСКО е приоритет. Оттаму и големиот предизвик кој претстои, дотолку повеќе што дел од бесправно изградените објекти се лоцирани на крајбрежјето, а дополнително тука е проблемот со решавање на статусот на плажите согласно Планот за управување со Охридскиот регион. Имајќи предвид дека тие се нераскинлив дел од туристичката понуда на Охрид, јавноста со право очекува сериозно и издржано решение кое нема да ги наруши универзалните вредности на заштитениот град, а од друга страна ќе понуди концепт на одржлив развој, кој подразбира и валоризација на потенцијалите во туристички цели.

Како главен проблем за големиот број дивоградби во земјата се посочува бавната урбанизација и ненавременото носење на потребните урбанистички планови, но и нефункционалноста на инспекциските служби, принципот на неказнивост, неефикасното судство и големата корупција.

Г. Момироски

Нова анкета: Зошто да ја почитуваме поставената сигнализација и да не ги управуваме возилата со поголема брзина од дозволената?