Туристичките агенции ја подготвија понудата на новогодишни пакети. Како дестинации се нудат познати туристички места во соседните земји,аранжмани со вклучен автобуски превоз од Охрид или пак авионски од Скопје, но се нудат и далечни ексклузивни дестинации за граѓаните со подлабок џеб.


Со оглед дека се работи за мал број неработни денови,најактуелни се дестинациите кои се со поаѓање од Охрид или Битола со автобуски превоз на база 2 или 3 ноќевања со појадок, како што се: Рим, Будимпешта- Виена,Истанбул, Солун- Лутраки- Паралиа- Воден, Метеори. Освен овие дестинации, актуелни се и аранжамните во кои е вклучено поаѓање со автобус од Скопје за Виена, Азурен брег, Прага, Венеција и Амстердам. Од новогодишните аранжамни со вклучен авиопревоз најинтересни се патувањата за Париз, Прага, Истанбул, Израел, а цените на аранжамните се движат од 6200 денари па нагоре, вели Тања Билко од ТА Вис Пој.


И покрај богатата понуда, засега интерес кај охриѓани за дочек на Новата година во некој од познатите центри нема. Не е пројавен интерес ниту од страна на странските гости за прослава на најлудата ноќ во Охрид. Од туристичките агенции коментираат дека интересот за новогодишните аранжамни од година во година е се послаб.

Досега нема интерес ниту од странските гости, ниту пак од охриѓани. Дали е тоа поради економската состојба или пак едноставно на прославата на Нова година повеќе не се гледа како на некоја посебна ноќ, не знам. Очигледно е дека од година во година се поголем број граѓани се одлучуваат новогодишните празници да ги поминат во домашна атмосфера. Сепак сме оптимисти дека интересот ќе се зголеми по 10- ти декември, објаснува Марија Лазаревска Џинџеска од ТА Тина турс. 

За привлекување на што поголем интерес, во пакет аранжамните кои се нудат се внесуваат нови дестинации кои се интересни и ексклузивни, зависно од тоа колкав дел од семејниот буџет граѓаните можат да си дозволат да издвојат за оваа намена.


На 17 декември во Банско ќе биде отворена ски сезоната пропратена со свеченото отварање на новиот Пирин Голф хотел со 5 ѕвезди, во чии рамки се наоѓа најголемиот СПА центар во Бугарија. Цената на новогодишните пакети за во овој хотел е околу 184 евра на ден за двокреветна соба, вели Елида Битрак од ТА Елида турс.

Во понудата на туристичките агенции можат да се најдат и Белград, Мадрид, но и дестинациите како Израел или Дубаи.  Како што велат од агенциите- понудата е богата и ја има за сечиј вкус.

Т. Кувенџиска