Само 47 стотинки го делеа Евгениј Поп Ацев до триумф на Охридскиот пливачки маратон и остварување на сонот.
– Штета, навистина штета што така испадна, но таков е спортот некој мора да загуби, а нажалост овој пат бев јас – рече Поп Ацев.
Во последните педесетина метри Поп Ацев влезе како водечки, но не успеа да го задржи местот.
– Тактиката ми беше да се одлепам пред да влеземе во фото финиш. Тоа го направи но не успеав да ја задржам предност. Тој имаше предност поради неговите предиспозиции и вешто ги искористи – додаде Поп Ацев.
Пласманот на втората позиција е најголем успех на Поп Ацев на Охридскиот пливачки маратон.
– Не се надевав на вака висок пласман бидејќи само пред пет месеци јавно го откажав настапот на Охридскиот маратон. Иако имав шанси за прво сепак некој да ми понудеше второ место пред стартот со две раце ќе го прифатев – заврши Поп Ацев.
Мх.П.