Пописот веројатно ќе се одржи во 2020-та година. Тоа ќе биде во согласност со меѓународните препораки да се одбере година што завршува на нула или на еден и со напорите да се избегне политизација, со оглед дека 2019 и 2021-ва се изборни години. Нема да дозволиме политизација, вели во изјава за Телма директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски. Смета дека пописот во 2011 пропадна заради политиката која влегла на голема врата со формирањето државна пописна комисија.

Симовски мисли дека нема потреба населението да се попишува според етничката припадност. Според препораките на Обединетите нации, вели тој, ова влегува во категоријата споредни белези, се прибира главно на Балканот и се користи само за политички цели.

Дали ќе биде прифатено неговото стручно мислење зависи од Владата и од Собранието, кои до крајот на годината треба да го донесат законот, по што ќе почнат технички и технолошки подготовки, набавка на 6 илјади компјутери, апликации и друго. Се планира пописот да чини околу 8 и пол милиони евра, за разлика од пропаднатиот попис проценет на 14 милиони. Освен анкетите лице в лице, ќе се користат регистрите на другите институции, а сите податоци наместо на хартиени обрасци ќе се внесуваат во компјутер.

За резултатите нема да се чека година и половина, бидејќи ќе бидат готови за само три месеци. Во 2019 се планира пробен попис во неколку пилот општини, објави Телма.

OhridNews
извор: „Телма