Вкупно 711.418 лица, 221.268 домаќинства и 297.085 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера, информираат денеска од Државниот завод за статистика.

Текот на пописот е во рамките на она што го очекувавме, па дури и со темпо кое што мислиме дека е подобро од очекуваното. Факт е, посочи Симовски, дека населението масовно ја прифаќа оваа операција и сите обидите пописот да се бојкотира и пропадне, паѓаат во вода.

Цел на напади, откако почна пописот е нашата веб страница, меѓутоа таа нема врска со делот на пописот. Не станува за софтверски проблеми, туку за милионски постојани напади во текот на сите овие денови. Имаше обид да се нападне и системот за попсот. На два пати се има тоа случано и двата пати се успешно одбиени. Немаме повеќе такви случаи. Постојат одредени структури кои што не сакааат пописот да се спроведе. Не можам да разберам од која причина. Ако е причината борба за власт или било што друго, а притоа да се уништи државата, тогаш чуму е таквата власт. Меѓутоа, очигледно дека постојат такви структури и можеби имаат нешто вмешано и во вој дел, но не знам и не сакам да шпекулирам, изјави Симовски.

Спроведувањето на пописот е проблематично, оцени лидерот на опозоциската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Тетово.

Од она што знам има многу турбуленции многу недостатоци во системот, системот паѓа, луѓе ги враќаат, ја враќаат опремата, бројката и динамиката која што се спроведува на терен од оној лимитиран број на информации кои што ги добиваме неофицијално се разбира не гарантира успешно спроведување на оваа статистичка операција. Тоа е резултат на неспособна институција и Влада затоа проблемите не треба да ги одлагаме туку хируршки и прецизно да ги отстраниме а тоа ќе се случи на овие локални избори, истакна Мицкоски.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.

OhridNews