Невремето проследено со пороен дожд, град, грмотевици и ветер што попладнево го зафати Скопје, предизвика поплавување на улици, подвозници, куќи и дворови. Има и искрешни дрва и гранки.

Силниот дожд и градот го отежнуваат движењето по улиците чии коловози се под вода.

Од ЦУК информираат дека освен Скопје, од невреме попладнево се зафатени и Штип, Велес, Демир Хисар, Свети Николе.

Заглавени автомобили и луѓе по невреме во Скопје
Четири автомобили од кои во еден имало и деца биле блокирани, a уште 15 лица заглавилеи во едно комбе и други автомобили кај стоковната куќа Мост, по невремето што попладнево го зафати Скопје.

На двете локации интервенирале припадници на противпожарната бригада и полицијата.

Од службата за итна медицинска помош за МИА велат дека добиле пријави за повредени граѓани, но оти засега не се евидентирани посериозно повредени.

Од Центарот за управување со кризи, пак. апелираат дека граѓаните треба да имаат разбирање оти службите реагираат по приоритет.

Информираат дека на телефонот 112 граѓаните може да пријавуваат паднати дрва, откорнати кровови, заглавени возила, поплавени простории.

Има информации од Скопско за поплавени улици, паркинзи, подруми, гаражи, паднати покриви од згради, паднати билборди, многу искршени дрвја кои паднале и врз автомобили и слични случаи предизвикани од невремето…

На улица „Киро Крстевски“ бр. 3 пријавено е дека покрив на петкатна зграда е оштетен, и дека за тоа се известени надлежните од Општина Кисела Вода и Територијална противпожарна бригада на Град Скопје, соопштуваат од ЦУК.

Дел од Ист Гејт поплавен, посетителите евакуирани, молот затворен

Трговскиот центар Ист Гејт Мол соопшти дека по денешното невреме неговиот менаџмент донел одлука да го затвори центарот за јавноста, и да ги евакуира посетителите и вработените. Како резултат на лошите временски услови кои предизвикаа елементарна непогода на територијата на град Скопје, како што посочуваат, дојде до излевање на вода од атмосферската канализација на уличната мрежа, која предизвика поплавување на подземните нивоа на трговскиот центар Ист Гејт Мол.

Согласно усвоените сценарија за безбедност и заштита во услови на елементарна непогода, Трговскиот центар беше евакуиран за кратко време. Во моментов, заради безбедност на посетителите, возилата во подземната гаража на трговскиот центар ќе останат паркирани се до исцрпување на водата. Техничките служби во Трговскиот центар во моментот работат на исцрпување на водата од подземната гаража. Овие активности ќе траат во текот на целата ноќ, информираат од Ист Гејт Мол.

Посочуваат дека во зависност од прогресот на активностите поврзани со санација на поплавата, утре во раните утрински часови ќе ја информираат јавноста и закупците дали Трговскиот центар ќе биде отворен за потрошувачите и се заблагодаруваме на сите посетители и закупците за нивната брза и навремена реакција.

Градоначалничката Арсовска свика итен состанок на Кризниот штаб на Град Скопје

По невремето кое го зафати Скопје, градоначалничката Данела Арсовска свика итен состанок на Кризниот штаб на Град Скопје. Ова го соопштија од Град Скопје.

OhridNews
Извор: Миа