Границата помеѓу Македонија и Грција ќе остане затворена, изјави шефот на дипломатијата Никола Попоски во интервју за францускиот весник Le Figaro.
Според Попоски на овој начин земјата ја исполнува соодветната одлука на Европскиот совет. На констатација на францускиот весник дека Скопје не е член на ЕУ, Попоски посочи дека „понекогаш земјата е повеќе ангажирана со тоа да ги почитува одлуките на ЕУ како земја-кандидат, отколку како кога би била земја-членка“.
Министерот за надворешни работи исто така наведува дека евакуацијата на кампот во Идомени е најдобро решение за создадената атмосфера на грчко-македонската граница.
Оваа одлука „ќе овозможи да се намалат тензиите меѓу Скопје и Атина, како и приливот на илегални мигранти”, истакна тој. Попоски посочи дека Грција е таа која треба да утврди кои се бегалци и кои се мигранти.
„За нас сите кои ја преминуваат границата со сила, се нелегални”, посочи тој. Во однос на политичката криза во земјата, пак, Попоски изјави дека најдобар начин за излез од неа се директни избори.
Во однос на амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов и скандалот со прислушувањето, министерот за надворешни работи рекол дека Парламентот гласаше за поништување на помилувањата, и дека истрагата на Специјалното јавно обвинителство продолжува.
„Очигледно е дека кога се минува низ толку сериозна парламентарна криза, тоа не е добро. Би било наивно да се верува дека тоа нема да има последици за нашата кандидатура за НАТО и ЕУ. Но ние ги исполнуваме критериумите за членство од пред неколку години, без нашиот случај да напредува. Тоа ја разгорува политичката криза “, истакна Попоски во интервјуто за францускиот весник.
OhridNews
Извор: „Макфакс“