Шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц за време на својата посета на Македонија порача дека Австрија е задоволна од тоа како земјава се справила со мигрантската криза и изрази благодарност кон македонските власти, пренесува „Макфакс“.

„Имаме намалување на рутата за 98 проценти, значи 98 проценти помалку луѓе ја поминуваат оваа рута во однос на 2015-та година. Во изминатите четири месеци во Европа влегоа ист број луѓе колку што влегуваа за ден или два“, рече австрискиот министер.

 

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој заедно со Курц беше во посета на каменот 49 на македонско-грчката граница, изјави дека Македонија докажала дека „може да се прави со предизвиците со кои никој не верувал дека таа ќе се справи“. Тој се осврна и на македонските евроинтеграции и спорот со Грција, порачувајќи дека двете земји треба да продолжат со градењето на меѓусебна доверба.

„Мислам дека треба да го одбереме патот по кој одиме во последниот период за градење на меѓусебна доверба и на приближување на двете земји на што е можно повеќе теми и на тој начин создавање услови во даден момент дијалогот да се издигне на политичко ниво во кое би се зафатиле со најтешкиот проблем“, рече Попоски.

Во однос на политичката криза, македонскиот министер потенцираше дека „најголемата помош што сега може да и се даде на земјата, е да се остави волјата на граѓаните преточнеа преку мандатите во Парламентот да одлучи за тоа како ќе се носат одлуките во иднина“.

Шефот на австриската дипломатија Курц, пак, порача дека е задоволен поради тоа што предвремните парламентарни избори беа слободни, фер и демократски и дека партиите го признаа резултат од изборите. „Сега партиите треба да ги донесат одлуките што треба да се донесат по изборите. Нашата цел како Австрија е и понатаму да имаме силен партнер во Македонија, посакуваме стабилност во земјата и се надеваме дека реформите и европскиот курс и натаму ќе продолжат“, заклучи австрискиот министер.

OhridNews
извор: „Макфакс“