По повлекувањето на Горан Пандев од селекцијата иста таква одлука довел и Николче Новески, кој беше столб на бедемот пред голот на македонската фудбалска репрезентација.

Да не биде сентиментално во селекцијата на Македонија се погрижи токму селекторот, кој во А репрезентација го врати Горан Попов од редовите на Премиерлигашот ВБА. Тој доби шут карта од претходниот селектор Чеде Јаневски по караницата која ја имаше после мечот со Хрватска.
– Попов е еден од нашите најдобри фудбалери што играат во странство. Слушнав за проблемите, но сметам дека заслужува да му подадам рака. И Попов, а и секој друг репрезентативец, треба да сфати дека не игра за ФФМ или за селекторот, туку дека игра за Македонија. Поради тоа верувам дека со односот и со игрите ќе покаже дека го заслужува повикот – потенираше Ѓуровски.
Во отсуство на Новески и Пандев и дел од репрезентативците кои се помлади и ќе бидат на располагање на У21 селекцијата, Ѓуровски врати неколку фудбалери кои порано го бранеле „црвено жолтиот“ дрес за дуелот со Литванија. Тоа се Марио Ѓуровски, Муарем Муарем, Стефан Спировски и Бесарт Ибраими и дебитантите Крсте Велкоски и Кире Ристевски.
– Повикав фудбалери за кои што мислам дека можат да ги реализираат моите планови. Спировски играше во времето на Џон Тошак, исто како и Муарем и Ѓуровски. Ибраими, пак, игра во одлична форма на Кипар и заслужи повик. Од Роберт Јарни, тренерот на Сараево, слушнав многу убави зборови за Крсте Велкоски, а знам дека е поливалентен и брз напаѓач од неговите настапи за Работнички – заврши селекторот.
Ѓуровски на контролниот натпревар со Литванија ќе го има официјалното деби на клупата од македонска фудбалска репрезентација, а со новитетите најави промени во селекцијата.
Мх.П.










