Разврската на кризата во оваа фаза треба да почне со оставка на Државната изборна комисија, зашто не ја заврши работата! Тие се непосредните виновници што не можат да се одржат фер и демократски избори на 5 јуни, побара лидерот на ДОМ Лилјана Поповска.

„Прочистувањето почна транспарентно и сите видовме дека избирачкиот список е полн со починати, иселени, непостојни лица. Самиот ДИК првин со консензус заклучи дека има над 300.000 сомнителни што треба да се проверат, а сега тврди дека избирачкиот список е прочистен. Како можеме да веруваме во тоа, кога знаеме дека ни пријавата од ДОМ за поголем број грешки во списокот, ДИК не ја стави на теренска проверка, ниту пак ни одговори. А во таа пријава стои и името на нашиот моментален Премиер, Емил Димитриев, пронајден на друга адреса од онаа на која живее во Пробиштип. Патем, истиот тој има дадено трета адреса во анкетниот лист! И како сега да им веруваме на институциите, раководени од овие луѓе, дека ќе обезбедат фер и демократски избори?“ -рече Поповска.

Овој став претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска го изнесе на дебата за политичката ситуација во Македонија организирана од Цивил, со учество на 30 партии, за излез од политичката криза.

OhridNews