Претседателот на ДОМ Лилјана Поповска се откажа од добитното пратеничко место на листата на опозциската коалиција по реакциите во јавноста и превирањата во СДСМ по вчерашниот партиски конгрес. Во обраќањето до јавноста Поповска посочува дека сега е време за единство и дека функцијата не и е приоритет.

„Сега, непосредно пред парламентарните избори, е време за единство и за искрена посветеност на борбата за демократизација на земјата. Во тоа име, ДОМ се откажа од намерата за самостоен настап и прифати да биде дел од опозиционата коалиција што ја предводи СДСМ. Нашето излегување од Владата пред речиси две години беше поздравено од јавноста и нотирано во Извештајот на Европската комисија како важен пресвртен момент во политичката криза. Затоа изненадуваат сега поединечни реакции, во кои се проблематизира мојата добитна позиција на коалиционите листи. 

Да, со коалициониот партнер за мене е договорено добитното 4. место во И.Е.2. Но јас не сакам функција по секоја цена, ниту да послужам за сеење семе на раздор во демократската опозиција. На Македонија и претстои голема битка и потребни сме си сите, независно од етничкото, верското и политичкото потекло.

Затоа одлучив да се откажам од добитната позиција на пратеничките листи, за да покажам што ми е приоритет. Уште денес ќе му предложам на Извршниот одбор, а потоа и на Централниот одбор на ДОМ да ја прифати мојата одлука и моето образложение. За ова ќе го известиме секако СДСМ како коалиционен партнер. ДОМ има одлични кадри и сигурна сум дека на тоа место ќе влезе личност која доследно ќе се бори за демократските принципи.“ – вели Поповска.

Таа најави дека ќе се бори со подеднаква страст од друга позиција, која сега се смета за недобитна и ги повика членовите и симпатизерите на ДОМ да го сторат истото.

OhridNews