Со долг од околу 35 милиони евра, Охрид е најзадолжена општина во Македонија, и како таква не ги исполнува условите за добивање на регионален печат на локални власти со поволно деловно опкружување (БФЦ СЕЕ).
На свеченост што се одржа денеска во Зaeдницата на единиците на локална самоуправа – ЗЕЛС во Скопје, со потпишување на договор, процесот за стекнување на ваков сертификат го отпочнаа уште четири општини: Богданци, Гази Баба, Прилеп и градот Скопје. Претходно со ваков сертификат се стекнаа Струмица и Велес, кои се единствените две општини во земјава со позитивна деловна способност, која им овозможува реализација на регионални проекти и привлекување инвестиции во локалната економија. Дали новите апликанти ќе го добијат сертификатот ќе зависи од тоа колку ги исполнуваат 12те критериуми, неопходни за добивање на регионалниот печат за поволно деловно опкружување.
– Стекнувањето со ваков сертификат, во период кога привлекувањето на инвестиции и развивањето на локалната економија претставува приоритет на секоја општина во земјава и во регионот, навистина треба да претставува предизвик. Сертификатот е потврда дека општината исполнила одредени стандарди, обезбедила имиџ на сериозна бизнис дестинација и дава сигурност на потенцијалните инвеститори во добивањето на квалитетни услуги, информации и поддршка при развивањето на нивниот бизнис. – истакна претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски.
Тој упати апел до општините во иднина да внимаваат колку ќе се задолжуваат и инвестираат и да не се раководат од желбите туку од можностите и да создадат услови за подобар економски развој. Трајановски појасни дека најголемите задолжувања на општините од реализација на поголеми инфраструктурни проекти.
На конференцијата учествуваа и градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и претседателот на Советот на општина Велес, Александар Колев, кои говореа за придобивките што ги добиле со стекнувањето на сертификатот.
– Во услови на економска криза и постојана конкурентност меѓу општините во земјава и во регионот, бизнисмените го препознаваат овој сертификат, за општини кои развиваат позитивна бизнис клима. Имаме и конкретни показатели од оваа година: пет компании веќе извадија одобрение за градба, односно ја одбраа нашата општина како своја бизнис локација, седум компании се во постапка на вадење на одобрение за градење и 11 купија парцели, на кои очекуваме да го развиваат својот бизнис. Или, тоа значи 1.300 нови вработувања кои ги обезбедивме во рамките на општината. – истакна Зоран Заев.
Оваа година, во БФЦ СЕЕ програмата во процесот на сертификација, освен четирите единици на локална власт од Република Македонија, вклучени се и 11 општини од Република Србија, 5 општини од Република Хрватска, 9 општини од Федерација Босна и Херцеговина и 6 општини од Република Српска
Програмата за сертификација за поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (Бусинесс Фриендлѕ Цертифицатион Соутх Еаст Еуропе (БФЦ СЕЕ) е единствена регионална програма за унапредување на конкурентноста на локалните самоуправи која се спроведува во Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина и Србија. Проектот е поддржан од Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – Подобрување на општински услуги при Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), финансиран од Германското сојузно министерство за соработка и развој.
OhridNews