Празен кеј и улици, полни кафулиња и ресторани. Вака изгледаше Охрид во првиот слободен ден од продолжениот празничен викенд, кој многумина од другите градови од земјава и соседството одлучија да го поминат токму во Охрид.

Поради ладното и врнежливо време, најголемиот број од гостите наместо за прошетка низ градот и посета на културно- историските споменици се одлучија за некое од бројните кафулиња или ресторани низ градот.

Но, и таму се одеше со автомобил, па така низ тесните улички во стариот дел од градот настана сообраќаен метеж.


Иако подготвени, неискористени останаа поставените детски реквизити во градскиот парк, како и такси- кајчињата, чии сопстевници и покрај лошото време се надеваа дека некои од гостите сепак ќе се одлучат за прошетка со кајче по езерото.


Оние кои сепак се одлучија за прошетка тоа го направија под чадори, кои си ги понеле со себе со оглед на советите на метеоролозите кои изминатите денови постојано укажуваа дека Велигденските празници ќе изминат пропратени со ниски температури и врнежи од дожд. 

OhridNews