Од охридскиот Центар за култура „Григор Прличев“ информираат дека поради голем интерес од публиката, најновиот филм „Врба“ од познатиот македонски режисер Милчо Манчевски ќе се прикажува и утре.

Проекциите почнуваат во 20 часот, а влезот 150 денари.

По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија. „Врба“ е филм во кој се испреплетуваат три приказни за љубовта и довербатa, едната од македонското средновековие, a другите современи.

Главните улоги ги толкуваат младите актери: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други.

Филмот е сниман на разни локации низ Македонија меѓу кои се живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, Преспанскиот регион и различни локации низ Скопје. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско – унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

OhridNews