Проблемите со заштитеното светско природно и културно наследство на Охридскииот регион на кои укажува УНЕСКО не се нови, туку се игноирирале со децении од системот, поради што е направена огромна штета, смета експертската јавност.

–Охрид одамна е град во кој се гради неконтролирано од кои причини на сите ни е познатo, секој се обидува овој просртор да го продаде што поскапо, така да тука има многу градежни фирми коишто градат, многу нелегални градби кои се градат без потребната документација. – вели научниот работник Трајче Талевски од еколошкото движење „Охрид SOS“.

Македонија има рок до 1 декември оваа година да постапи по препораките на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО која во извештајот од минатата година наведе 18 забелешки кои треба да се остранат за да не се загрози статусот на Охридскиот регион кој пред четири децении е ставен на листата на светско природно и културно наследство. Неконтролиран развој, патната инфраструктура, изградба на големи ресорти, се само дел од забелешките на кои од неодамна работи Комисијата за управување со светското наследство на Охридскиот регион. 

– Најзначајна и најкритична е препораката за мораториум за градба и контрола на урбанизацијата на крајбрежјето но и на поширокиот регион бидејќи под заштита освен Охрид се и делови од Струга и Дебрца. Проблемите се наталожени уште од периодот на прогласување на Охридскиот регион за светско природно и културно наследство, се мислело дека може да се протурка така, но критериумите на УНЕСКО се строги.  – вели Зоран Панов – претседател на Комисијата за управување со светското наследство на Охридскиот регион. 

 

Синиша Шешун, експерт на УНЕСКО, укажува дека Охрид како туристичко место е под силен притисок, посочувајќи дека е неопходно да се воспостави баланс кој навистина ќе ги заштитити подрачјата што се прогласени за светско културно и природно наследство.

-Не станува збор само за преголемата урбанизација, има проблеми и со плановите за управување, со просторната планска документација, и тоа ќе ни даде време сите тие работи да се средат да може владата и министертвото за култура да воведат ред и да се почне од нула, бидејќи она што го забележавме во последно време е дека бројот на фактори кои негативно влијаат на светското наследство се зголемува, тој тренд мора да запре и тие фактори да се минимизираат. – изјави Шешун.

Пратеникот Томислав Тунтев, кој е член на неформалната пратеничка група „Пријатели на Охрид под УНЕСКО“ изрази задоволство од досега направеното во насока на заштита на природното и културното наследство во охридскиот регион. Тој истакна дека Владата веднаш по преземањето на власта ги стопирала дискутабилните пет проекти кои, како што рече, всушност беа причина да почне Охрид да биде актуелен во УНЕСКО и да дојде во прашање неговиот статус.

–Тие проекти се целосно стопирани, ќе се врши нивна ревизија, сигурно ќе се спроведува и стратешка оценка на влијанието на тие проекти врз животната средина. – подвлече Тунтев. 

Тој потсети на иницијатива на парламентарното мнозинство дека за првпат после многу години организирана е надзорна расправа за Охрид и заштита на неговото културно и природно наследство.

– Се обидуваме како законодавна власт да вршиме притисок врз извршната власт сите релевантни функционери и институции чија дејност има врска со нашето културно и природно наследство, најсериозно да ја сфатат работата, да ја подигнеме и свеста кај јавноста да се сфати значењето што го има Охрид не само за градот, туку и за Република Македонија како национално богатство, па и пошироко како светско природно и културно наследство. – рече Тунтев. 

Со слични проблеми како Охридскиот регион се соочува и црногорскиот град Котор, кој исто така е под мониторинг на УНЕСКО. Претставници на институции на двете земји и на УНЕСКО, денеска во Охрид започнаа заедничка соработка за имплементација на препораките од мониторинг мисиите на светската организација на Охридскиот регион и Котор, во која како набљудувач е вклучена и Албанија која очекува УНЕСКО да ја прошири зоната на заштита околу Охридското Езеро и на нејзина територија. Средбата на која присуствуваа и градоначалниците на Охрид и Дебрца, Јован Стојаноски и Зоран Ногачески, ја водеше новиот министер за култура на Република Македонија Асаф Адеми. Тој истакна дека заштитата на природното и културното наследство ќе биде приоритет, но побара и повеќе време за да се запознае подетално за проблемите во Охридскиот регион.

Г.М.