Ниту една од надлежните служби не ја знае точната бројка на туристи кои во одреден момент престојуваат во Охрид. Ова се должи на несоодветниот систем за евиденција на домашни и странски гости, кој нема доволно капацитет да направи вкупна и брза пресметка за истите.

Поради тоа туристичките работници се принудени секоја летна сезона односно секој викенд да прават дневни калкулации од око, кои најчесто се далеку од реалната бројка на лицата кои се сместени во охридските хотели и кај приватните станоиздавачи. Слична состојба имавме и изминатиот Велигденски викенд, кога речиси сите медиуми даваа паушални проценки за бројот на гостите кои одмараа во Охрид.


Од охридската локална самоуправа велат дека покрај тоа што Општината нема точна евиденција за вкупниот број странски и домашни туристи во реално време, непрецизната евиденција носи и огромни загуби за Охрид, затоа што општината не може во целост да ја наплати таксата за привремен престој.

– Согласно со законската регулатива хотелите и станоиздавачите од мал обем, се обврзани да ги пријават домашните и странските туристи само во полиција, а уплатата на таксата се врши во Општината. Заради тоа е оневозможена ефикасна контрола на пријавената туристичка такса од страна на општинскиот инспекторат, што резултира со намалени приходи во локалниот и во централниот буџет, велат од Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.

Од таму објаснуваат дека за решавање на овој проблем досега биле одржани многубројни состаноци со претставниците на СВР Охрид, а биле направени и неколку иницијативи за спроведување соодветен систем за евиденција, но се уште нема конкретни резултати.


– На последниот состанок, се донесе заклучок дека треба да се воспостави интернет-евиденција на гостите, а Општина Охрид требаше да изработи софтвер во веб-апликација за директно пополнување на пријавите за престој на домашни и странски гости од страна на давателите на услуги. Исто така, ние требаше да обезбедиме и компјутерска опрема за таа намена и интернет-конекција, објаснуваат од Секторот ТЛЕР, нагласувајќи дека системот за онлајн-евиденција  е веќе поготвен и дека СВР Охрид треба да обезбеди простор во кој истиот ќе може да се инсталира.

Потпаротлот на СВР Охрид, Стефан Димоски се согласува дека моменталниот начин на евиденција на туристите во Охрид е застарен и се одвива по неефикасен метод.

Во моментов сместувачките капацитети имаат задолжение да ги пријавуваат туристите кои отседнале во нивните објекти, со тоа што доставуваат  пополнети обрасци, во кои ги наведуваат податоците за секој турист поедничено. Потоа нашите служби овие податоци ги обработуваат, по што прават периоднични преметки. Но бидејќи се книжи рачно, брзата евиденција односно давањето на точен податок за бројот на туристи во одреден момент е многу сложена, објаснува Димоски, истакнувајќи  дека СВР Охрид во целост ја поддржува иницијативата за поставување на современиот софтвер за евиденција на туристите кој го има изготвено општнскиот ТЛЕР.


– Со овој софтвер хотелите и станоиздавачите ќе можат онлајн да го вршат пријавувањето на гостите при што на полицијата ќе и се овозможи и едноставен увид во податоците поврзани со домашните и странските посетители и за нивниот број, местото и периодот во кој тие престојувале, исто така Општината ќе може да врши поедноставна евиденција и контрола на наплатата на туристичката такса, вели Димоски.

Тој се надева дека пред почетокот на оваа туристичка сезона ќе може да воспостават пробна  употреба на овој софтвер.

Е.М