Казна глоба во висина од 2000 евра за јавното комунално претпријатие од општина Дебрца и 400 евра за одговорното лице во претпријатието, изрече вчера државниот инспекторат за животна средина, поради несоодветно третирање на отпадот во околината на село Велмеј.

Како што информира државниот инспектор Игор Трајкоски, по извршениот увид во месец јули на локацијата која со одлука на општина Дебрца е определена за одлагање на отпадот, на јавното комунално претпријатие му бил даден рок да се стопира палењето на отпадот и му било наложено во иднина соодветно да се третира.


–    И покрај укажувањата проблемот не се реши, поради што казна глоба му е изречена и на јавното комунално претпријатие и на одговорното лице, вели Трајкоски.Тој потенцира дека со оглед на тоа дека сеуште не е решен проблемот со јавните депонии во земјава, советот на општина Дебрца донел одлука отпадот да се одлага во близина на Велмеј, но не и спротивно на законот, да се запалува со што се предизвикува штетни последици за околината и жителите во околните места.

Првиот човек на комуналното претпријатие, пак објаснува дека отпадот, на определената времена депонија, се одлага и третира согласно сите законски прописи. Потенцира дека отпадот го палат препродавачи на старо железо, за што времено бил информиран и државниот инспекторат за животна средина. 

За проблемот во неколку наврати реагираа жителите на село Велмеј кои бараа проблемот што поскоро да се реши од страна на надлежните.

Т.К.