Поради екстремно ниските температури на воздухот и водата во езерото, утре ќе бидат ангажирани поголем број медицински екипи во вода и на копно кои ќе се грижат за здравјето на оние кои ќе скокаат по крстот.

Како што информира претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков, пет медицински екипи ќе бидат распоредени вдолж брегот, една ќе се наоѓа на бродот- амбуланта кој ќе биде закотвен на градското пристаниште, а ќе бидат ангажирани и спасители на вода и нуркачи. Шатор за реанимација и давање прва помош ќе е поставен до охридската капетанија.

Станува збор за екстремно ниски температури на воздухот и водата. Во моментов температурата на водата во езерото е 6 степени, а се очекува утре околу 10 часот, температутрата на воздухот да се движи од -5 до -3 степени целзиусови. Не сакаме да ги заплашиме капачите кои утре ќе скокаат по светиот крст, туку апелираме да ги следат советите од стручните лица со цел да не дојде до паѓање на нивната телесна температура, што може да има и фатални последици, потенцира Точков.

Се советуваат капачите да носат обувки за да се заштитат од повреди и од студот,  да не се задржуваат и нуркаат , туку само кратко време да влезат во вода. При тоа, да се информираат каде се наоѓаат медицинските екипи. 

Како еден од најважните совети е да не се конзумира алкохол пред влегувањето во вода, затоа што алкохолот ја намалува телесната температура. 

Се молат капачите сериозно да ги сфатат и следат нашите совети. Секој кој не се чуствува подготвен да не влегува во езерото , вели Точков.

Денес, од 19 до 24 часот ќе се вршат превентивни прегледи на сите учесници во капењето. Се апелира секој кој утре ќе се фрла по крстот да изврши преглед кој трае само три до пет минути, со цел да се провери физичката кондиција на лицето.

OhridNews