На екстремно високи температури жителите на охридското село Подмоље и околните населени места кои се снабдуваат со вода од локалниот водовод, живеат без вода за пиење. Во горните делови од населбата неа ја нема воопшто, поради што странците си заминуваат од селото кое иако се наоѓа на само стотина метри од Охридскот Езеро нема вода.

–Дваесет дена капка вода немаме, а инаку цело лето имаме проблем со водата. Во оваа населба има и странци, баш до мојата куќа има англучани и германци кои дојдоа оваа година и веднаш си заминаа. Вака туризам не може да развиваме. – вели Јордан Блажески.

Во пониските делови од Подмоље каде инаку има и многу викенд куќи, рестрикциите на вода се чести, а жителите се приморани да одат до блиските извори за да наполнат вода.

– Рестрикции има преку целиот ден без никаков ред, а притоа нема дотур на вода, ниту било каква помош од надлежните.

-Бараме да се стави ред во рестрикциите, оти вака не оди. Немаме доволно садови да складираме вода кога ќе дојде. 

-Вчера отидов до блискиот манастир да полнам вода од изворите бидејќи не се издржува. – коментираат жителите на Подмоље.

Иако Подмоље територијално гравитира кон општина Охрид, со водоводот изграден со средства од самопридонес на жителите пред повеќе децении стопанисува соседната општина Дебрца. Оттука со вода се снабдуваат повеќе околни села и аеродромот во Охрид. Жителите на Подмоље во повеќе наврати се обратиле до општините Охрид и Дрбрца од каде им било одговорено дека проблемот се должи на намалениот капацитет на бунарите и дека стручните служби работат на изнаоѓање решение за проблемот. Локалното население, пак, се сомнева дека се вршат злоупотреби со водата.

-Има поединци што незаконски користат вода и ниви што вадат. Затоа бараме да се направи една комисија и да се отиде од куќа на куќа да се види кој на диво ја користи водата и ја злоупотребува. – истакна Владо Силјаноски, претседател на МЗ Подмоље.

Жителите на с. Подмоље денеска одржаа мирен протест, по што претставници на селото доставија барање до раководните лица во јавното претпријатие за водоснабдување во општина Дебрца. Тие најавија дека доколку во најкус можен рок не бидат преземени мерки за подобрување на водоснабдувањето, ќе го радикализираат протестот и ќе го блокираат магистралниот пат Охрид – Кичево.

Г.М.