Пријателскиот натпревар меѓу МЗТ Скопје и украинскиот претставник Черкаси не го дочека својот крај поради скандалозниот прекин кон средината на третата четвртина, јави веб порталот екипа.мк.

При резултат 53-49 за македонскиот шампион во 26. минута од дуелот дојде до жесток дуел меѓу Ѓорѓи Чековски и противничкиот центар Винсент Хантер. Чековски му возврати на Хантер за грубиот старт на почетокот од второто полувреме, Американецот бурно реагираше, но страстите целосно се вжештија откако на теренот влетаа и домашните навивачи, кои што физички се пресметаа со кошаркарот на Черкаси.

 

Страстите штотуку се смирија, а дуелот меѓу Чековски и Хантер продолжи со тепачка, по што одново дојде до вжештување на астмосферата, па судиите немаа друг избор освен да означат крај на овој дуел.

 

Инаку, до моментот на прекинот МЗТ Скопје имаше контрола над играта и реултатот најмногу благодарение на Дамјан Стојановски, кој што имаше фантастично деби со 18 поени. Сепак, сето тоа остана во сенка на огромниот инцидент, кој што фрла дамка на оваа сезона што треба да претставува историска за тимот од скопската населба Аеродром.

„Како прво, многу ми е жал што овој натпревар, кој што требаше да претставува отворање на сезоната за нас, не го дочека својот крај. Сепак, морам да напоменам дека причина за тоа се постојаните провокации на гостите, она што се случи во моментот на прекин е само логичен след на сите случувања на теренот во претходниот дел од мечот. Првиот поголем инцидент беше фаулот за исклучување на еден од Американците на Черкаси, кога намерно без никаква причина со лакотот го удри Далман. Тој доби само намерна лична грешка, но провокациите продолжија во тие моменти, кога друг американски кошаркар пројде до нашата клупа и го плукна Чековски во лице. Тоа беше причина за бурната реакција на нашиот репрезентативец во натамошниот дел од мечот. Многу добро го знаеме Чековски, кој е голем борец, но никогаш не влегува во инциденти, но овојпат гостите дефинитивно ја минаа границата“ – изјави Тодоров. 

ohridnews