Поради високите температури  скратена настава во училиштата ќе има и денес и утре. Комисијата при Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови, им препорачува на образовните установи во следните два дена да преземат активности за овозможување скратена настава за учениците до 12 часот, а со цел заштита на учениците.

Одлуката доаѓа по предупредувањето од Управата за хидрометеоролошки работи за топлотен бран од втора, односно портокалова фаза, кој ќе ја зафати територијата на цела држава денес и утре, со температури многу повисоки од вообичаените за овој период, кои во поедини региони ќе достигнат и до 37 степени Целзиусови.

Покрај училиштата, на внимателност се повикуваат и градинките, на кои им се препорачува да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 16 часот.
 
На работодавците им се препорачува во следните два дена да ги ослободат од работни обврски бремените жени и лицата над 60-годишна возраст, како и избегнување работа на отворено во периодот од 11 до 16 часот.
 
За време на топлотниот бран на населението му се препорачува избегнување директна изложеност на сонце, консумација на лесна храна и течности, носење светла и лесна облека, а на болните редовно земање на предложената терапија од лекар.

OhridNews