Во пресрет на најавите за топлотен бран кој во следните денови ќе ја зафати државата, денес во градскиот парк, кај фонтаната пред Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде поставен превентивен здравствен пункт.

–    По препорака на министерството за здравство од денес почнува да функционира пункт на кој медицински лица ќе вршат мерења на крвен притисок,шеќер во крв, ќе  делат совети и флаери. Пунктот  ќе работи секој ден од 18 до 21 часот, а на оваа локација ќе биде додека постои потреба од тоа, вели директорот на Здравствен дом, Митко Дабески.

 Во пресрет на најавениот топлотен бран, Министерството за здравство препорачува да не се излегува надвор во временскиот интервал од 11 до 17 часот, носење на светла и лесна облека и конзумирање на многу течности, а хронично болните да ја земаат неопходната терапија.

Од УХРМ најавуваат дека од денес  дневните температури ќе бидат во пораст, а од понеделник се очекуваат температури од 40 степени. Во Охрид во текот на наредните денови  се очекуваат максимални температури до 34 степени.

Ohridnews