Управата за јавни приходи ја блокира сметката на Општина Охрид, бидејќи поранешната директорка на ЈП „Билјанини извори“, четири години не платила данок, рече на одржаната седница на Совет на Општина Охрид, Сашо Донев.

Претходната директорка на ЈП „Билјанини извори“, во периодот од 2017 до 2021 година не исплатила ниту денар за данок кон државата и поради тоа УЈП, наместо „Билјанини извори“, ја блокира Општина Охрид, која е основач на претпријатието вели Донев, одговарајќи на прашањето од советничката Живка Ангелоска, зошто се намалени средствата во програмите.

Истакна и дека со оглед на тоа што буџетот се креира за претходните три години во однос на реализацијата, по таа основа Буџетот на Општина Охрид за 2023 година од Министерството за финансии е намален за 32 милиони денари, со кои вели можеа да се направат неколку капитални инвестиции.

На УЈП после 4 години и текна дека ЈП„Билјанини извори“ должи 600.000 евра за неплатен данок. Токму тие пари кои што Ви фалат во нацртите, односно околу 11-12 милиони денари се за ратите кои што ќе треба општината да ги плаќа поради тоа што не бил платен данок од 20 милиони денари во ЈП „Билјанини извори“. Приморани сме како основач на јавното претпријатие да потпишеме договор за исплаќање на рати и тоа ќе ја чини општината околу 200.000 евра годишно, рече Донев.

Од СДСМ Охрид со реакција на изнесените информации од страна на Донев. Велат долгот за ДДВ во моментов е во вкупен износ од 34.433.846 денари.

Во 2012 година кога ВМРО- ДПМНЕ дојде на локална власт долгот изнесуваше 505. 304,00 денари, а кога си заминаа од власт во 2017 година оставија долг од 14. 636 204,00 денари. Што значи дека во нивно време е направен еден голем дел од долгот. Исто така, искажаното од страна на Донев дека во четирите години кога директор беше Гордана Јованоска не е воопшто плаќано ДДВ не е точно, бидеќи според картиците на УЈП во четири годишниот мандат исплатени се вкупно 13. 156 894,00 денари и уште 4.467.129,00 денари договор со УЈП за отстапување на побарувања од добавувачи по основа на должник на должник. И не само што е плаќано ДДВ туку плаќани се и други долгови кои ги остави претходното раководство на ВМРО- ДПМНЕ. Не и е непознато на јавноста дека СРЦ ЈП „Билјанини Извори“ во време на ДПМНЕ шест месеци беше оставено без струја заради неплатени долгови и така Јованоска, како директор во првата година исплати стар долг од 8.900.000,00 ден. На вработените им беа испалтени три заостанати плати во износ од над 4. 500.000 денари, велат од СДСМ Охрид.

По поразот на локалните избори и по давањето оставка од страна на директорот на ЈП „Билјанини Извори“ Јованоска, велат остави 9, 756 000,00 ден на сметката во Халк банка и уште 18. 282. 015,00 побарувања од купувачи (вредности земени од завршна сметка).

Па му предлагаме на моменталното раководно лице овие расположливи финансиски средства веднаш да ги пренасочи во УЈП, па на тој начин не ќе има потреба општината да го плаќа долгот за ЈП „Билјанини Извори“, додаваат во реакцијата од СДСМ Охрид.

OhridNews