Според податоците на Државниот завод за статистика, цените на мало во јануари во однос на претходниот месец, се зголемиле за 0,1%, а трошоците на животот за 0,3%.

Порастот на трошоците на животот е резултат на зголемувањето на цената на јајцата, безалкохолните пијалаци, рибата, зеленчукот, тестенините, сувото овошје, алкохолните пијалаци, преработките од овошје и зеленчук, месото и кондиторските производи. Во јануари, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај услугите за сместување за 15.2%, храната и пијалаците во рестораните и хотелите за 2.0%, лековите за 1.1%, облеката и електричните апарати за домаќинствата за 0.4% и туристичките аранжмани за 0.3%.

Намалување на индексот на трошоците на животот во јануари 2013 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај овошјето за 1.9%, мастите за 0.9%, млечните производи и др. прехранбени производи за 0.6%.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 4.9%, течните горива и гасот за домаќинствата за 3.3%, средствата за образование и сообраќајните средства за 2.3%, нафтените деривати за 0.5% и обувките за 0.3%.

Индексот на цените на мало во јануари 2013 година, во споредба со јануари 2012 година, бележи пораст од 2.4%, а индексот на трошоците на животот бележи пораст од 3.8%.

OhridNews