Македонската ракометна репрезентација во осминафиналето ја заврши авантурата на Светското првенство во Шпанија. Непремостлива пречка за избраниците на селекторот на Ѕвонко Шундовски беше селекцијата на Германија која триумфираше со 28-23 (13-9).


“Постот“ од седум минути на почетокот од мечот, Македонија ја чинеше старт исполнет со премногу грешки. Германија немилосрдно ги казнуваше нашите грешки и поведе со 5-0. Разликата “панцирите“ љубоморно ја чуваа во текот на целото прво полувреме, која на моменти достигнуваше и до шест погодоци (11-5).  “Црвено жолтите“ до крајот на полувремето намалија и на одмор заминаа со негатива од  (13-9).

На стартот од вториот дел “црвено-жолтите“ со мини серија од 3-0 успеаја да се вратат резултатски во игра. Голманот Ристовски (10 одбрани) успеваше да ги скроти нападите на Германците, а Лазаров (8 голови) се разбуди и почна да ја тресе германската мрежа, па Македонија стигна до негатива -2 (18-16).

По серијата на Македонија, концепцијата на германската игра се наруши, но тогаш следуваше недопустливо промашување на Дејан Манасков во контранапад што ја врати самодовербата во германскиот состав.

“Швабите“ со серија 3-0 ригорозно го казнаа промашувањето на Манасков и успеаа да се одлепат на +5 (21-16). Македонија одново влезе во “црна серија“ од седум минути без постигнат погодок што беше пресудно за нов четврти пораз од Германија на едно големо натпреварување.

Германија во четвртфиналето ќе се сретне со победникот од дуелот Шпанија – Србија додека македонските ракометари со ладни глави ќе мораат да размислат каде погрешија на дуелот со “панцирите“.

Мх.П.