Македонската фудбалска репрезентација прокнижи нов пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2012 година, што ќе се игра во Полска и Украина.

Подобра од нашата селекција беше репрезентацијата на Република Ирска која славеше со 2:1. Стрелци на головите за домаќинот беа Мекгиди и Кин, додека единствениот погодок за Македонија го постигна Тричковски.

Македонија лошо го отвори натпреварот и веќе во втората минута беше во негатива, а по дваесет минути игра домаќинот го зголеми водството. Гол за надеж постигна Иван Тричковски во финишот на првиот дел, а истиот играч во второто полувреме ја пропушти шансата на мечот, кога по одличното додавање на Демири изби сам пред противничкиот голман, но не реализираше.


Тричковски погоди само еднаш


И покрај трите замени Македонија падна во играта во финишот на натпреварот, кој Ирците со смирена игра го доведоа до крај.

Република Ирска со оваа победа изби на чело на табелата во „Б“  квалификациската група со 10 бода, колку што има и Русија, која ремизираше на гости со Ерменија 0:0 и Словачка која ја минимално ја совлада Андора на гости со 1:0. Ерменија е четврта со 8 бода, а Македонија по овој пораз е претпоследна со 4 освоени бода. На дното на табелата е Андора без бодови.

Неуспехот во Даблин веројатно ја оддалечува нашата најдобра репрезентација од борбата за местата кои водат на Европското првенство, што пред почетокот на овие квалификации беше цел која ја зацрта селекторот Мирсад Јонуз.


Г.М.