Низа новини во чествувањето на празникот Свети Климент Охридски – Патрон на градот. Како што најавуваат од комисијата за одбележување на празници , годинава како една од позначајните нови содржини на празнувањето ќе биде групното поаѓање кон Свети Климентовата црква на Плаошник кое ќе се почне вечерта на 7- ми декември, во 20 часот од градскиот плоштад.

Идејата беше годинава повеќе да ги вклучиме граѓаните и гостите во празнувањето, за тоа  да не биде само празнување на кое ќе присуствуваат делегации и функционери, туку да овозможи слпотување на граѓаните,  бидејќи на Охрид му е потребна една поголема социјализација на граѓаните,нивна поголема меѓусебна интеракција, затоа што како малку да е подзаборавено меѓусебното дружење,  затоа треба да се искористи секој момент како што е ова празување, рече претседателот на Комисијата за одбележување на празници, Дејан Паноски.

Во празнувањето годинава се вклучуваат и актерите од охридскиот Народен театар кои истата вечер, со почеток во 18.30 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе имаат свој настап посветен на Свети Климент Охридски.

Празнувањето ќе започне на 6- ти декември со продажната акција на ракотворби изработени од рециклиран материјал од основците од ОУ „Св. Климент Охридски“, по што во 20 часот ќе следи и  свечена приредба по повод патрониот празник на училиштето. Одбележувањето ќе биде збогатено и со неколку изложби, а ќе заврши на 8- ми декември, со свеченото потпишување на Повелба помеѓу Општина Охрид и Општина Стар Град Сараево во Куќата на Робевци и свечената академија во чест на Патронот на градот која ќе се одржи во Центарот за култура со почеток во 19 часот.

Т.К.