Во струшкиот дел на Охридското езеро до крајот на септември ќе бидат пуштени вкупно 600.000 единки подмладок на Охридска пастрмка која е со тежина од 2 до 3 грама и е во добра кондиција, информираат од  мрестилиштето „Шум“ и од  охридскиот Хидробиолошки завод.

Оваа бројка подмладок е дел од вкупно трите милиони единки кои треба да бидат пуштени во езерото, вклучувајќи го и делот на охридското крајбрежје и делот во соседна Албанија, со единки кои се одгледуваат во  мрестилиштето во Лин- Албанија. Од албанската страна на езерото е најавено дека ќе бидат пуштени околу 900.000 парчиња подмладок на пастрмка, што укажува на тоа дека Албанија покажува значаен интерес за враќање на овој ендемичен вид риба во езерото кој последниве години е на работ на исчезнување.

Неодмна, Хидробиолошкиот завод од Охрид изврши порибување на Охридското Езеро со еден милион единки подмладок на пастрмка.

Порибувањето на езерото се врши веќе неколку години, но и покрај напорите на Хидробиолошкиот завод и другите институции на македонска и албанска страна од езерото, рибниот фонд на пастрмка и натаму опаѓа, за што најголема вина има човекот, кој и покрај тоталната забрана за риболов што на сила е од 2004 година и натаму продолжува незаконски и неселективно да ја лови оваа риба, со што се намалува нејзиниот природен прираст.

OhridNews