Надоместот за породилно отсуство во целост ќе го примаат мајките што родиле дете по 16 март годинава, а во меѓувреме им завршил договорот за привремено вработување или фирмата во која работеле се затворила и тие, автоматски, станале невработени, објави „Вест“.

Ова е овозможено со измените на Законот за работните односи, кои се направени по предлог на Фондот за здравствено осигурување.
“Работникот на кому му престанал договорот за вработување на определено време поради истек на договорот и користи надоместок на плата за време на отсуството поради бременост, раѓање и родителство, продолжува да го користи правото до истекот на отсуството на товар на органот надлежен за спроведување на задолжителното здравствено осигурување”, стои во законските измени.

Од Фондот за здравствено осигурување објаснуваат дека оваа мерка значи оти им се овозможува на сите осигуренички што имаат решение од ФЗОМ за породилно отсуство по 16-ти март оваа година, а во меѓувреме им престанал договорот за вработување на определено време или станале невработени поради затворање на фирмата, да продолжат да го користат правото до истекот на периодот за породилно отсуство.

“На пример, ако осигуреничката од Фондот добила решение за породилно отсуство од 9 месеци, а по 6 месеци и прекине работниот однос, има право да добива надоместок од ФЗОМ и за останатите 3 месеци”, објаснуваат од ФЗОМ.

OhridNews

Извор:„Вест“